Уште 6 дена до крајот на натпреварот за зелени бизнис идеи

Од 11-ти април до 2-ри јуни граѓаните кои сметаат дека имаат идеја за зелен, одржлив бизнис можат да аплицираат на натпреварот „Филантропија преку зелени идеи“. Здружението за социјални иновации „АРНО“ по петти пат го организира националниот натпревар за зелени идеи и ги охрабрува граѓаните да аплицираат со своја идеја за која можат да добијат 10 000 долари преку учество на регионален натпревар. Пријавите за натпреварот и сите информации се достапни на веб-страница: zeleniidei.mk.

„ Се забележува дека интересот за натпреварот расте, и паралелно, секако, расте и свеста за што е зелен бизнис а што не е. Она што оваа година го воведовме како новитет се работилниците за подготовка на формуларите и акцентот на финансиските конструкции и проекции. Нашата земја мора да размислува претприемнички ако сакаме новите и малите бизниси да опстојат. Изминатите 5 години сведочиме на прекрасни идеи и сакаме на сите да помогнеме да се реализираат затоа што силно веруваме дека потенцијалот на нашата земја е во развојот на зелената економија“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Повеќе информации можат да се добијат на 077 855 832 или на e-mail arno.mkd@gmail.com.

„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува  развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во земјите од Западен Балкан: во нашата земја и во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, а од оваа година и во Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници коишто ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 долари за реализација на идејата во својата земја.

Досега, во нашата земја се инвестирани 40 000 долари во 4 македонски победници на регионалните натпревари: Кооперативата на органски потрошувачи „Наша добра земја“, фирмата за репарирање и реупотреба на стар мебел „СПИН“, Еко-магионичарот Кристиан Шопов и стартапот „Храна за сите“.

Треба да знаете
Последни објави