Во Стопанската комора на Македонија на 17 јуни ќе почнат обуки за обновливи извори на енергија (ОИЕ) во рамки на кои преку иновативен пристап со тренинзи на терен ќе се обучат 10-тина инженери и 20 техничари за фотоволтаични системи и исто толку за топлински сончеви колектори.
-Целта на обуките е да се изградат стандарди за занимања кои потоа ќе се акредитираат и во земјава да се имплементираат технологии за ОИЕ со прифатлива цена и квалитет, рече професорката Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија и редовен професор на ФЕИТ на денешната прес-конференција во Комората.
Таа посочи дека на ФЕИТ кој е носител на овој дел од проектот во тек е воспоставување на нова лабораторија со цел да се создадат лабораториски услови за да можат инженерите и техничарите да се обучат за ОИЕ од безбедност на работа, па се до изработка на проект преку користење на софтверско решение и изработка на техноекономска анализа.
-Лабораторијата ќе ги примени најсовремените технологии за сончеви топлински колектори што ќе следат во иднината. Значајно ни е преку обуките да изградиме заеднички стандарди што е потребно да знае еден инженер или техничар за да проектира ОИЕ. Не ние цел да ги препишеме законите кои важат во другите земји кои се понапредни на ова поле од нас, туку да видиме како тие можат реално да се пренесат на македонско тло и да изградиме вистински стандарди што треба да знаат стручните лица за да имплементираат ОИЕ, рече Спасевска и најави дека во наредната фаза ќе се направи база на податоци за сертифицирани работници, инженери и техничари, но и на компаниите кои имаат работници што реално можат да имплементираат ОИЕ од проектирање до инвестирање.
Претседателот на Здружението за бизнис консултанти – Креација, Ристо Иванов порача дека преку проектот Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење, чија цел е создавање квалификувана работна сила во градежништвото, во првите две фази 1.500 работници се здобија со сертификати за стекнати вештини за енергетски ефикасно градење.
-Третиот дел од проектот има три цели од кои првата е да се продолжи обезбедувањето на квалификувани работници и тоа од сите занимања во градежниот сектор од архитекти до работници, како и да се воведат обуки за ОИЕ. Очекуваме да се опфатат 300 нови градежни работници, 300 техничари и околу 100 инженери, рече Иванов.
Втората цел, додаде, е да се воведе Билдинг информејшн моделинг (БИМ), односно пристап кон дигитализација на градежниот сектор. Појаси дека од 1 јануари идната година земјите[VJ1] -членки на ЕУ имаат обврска сите јавни набавки да ги реализираат преку БИМ.
-Третата цел е стекнатите вештини да бидат препознатливи на пазарот и да бидат пазарно прифатени од градежните фирми, рече Иванов.
Претседателот на Здружението за енергетика при Стопанската комора на Македонија, Ристо Јаневски посочи дека правилникот што е во фаза на изработка во Министерството за економија ќе предвидува ОИЕ во иднина да ги изведуваат и дизајнираат сертифицирани работници и дизајнери.