Потребата да постои континуитет и доследност за да се задржи добрата климата во односите со Турција, ја истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на средбата со претседателот на Кипар Никос Христодулидис во Никозија.
Мицотакис се осврна на грчко- турските односи во пресрет на утрешната средба во Анкара на министрите за надворешни работи на Турција и Грција Хакан Фидан и Јоргос Герапетритис, рече дека следните месеци се важни во билатералните односи и изрази умерен оптимизам, бидејќи, како што рече, постоеше намалување на тензиите меѓу двете земји.
-Министерот за надворешни работи на Грција утре ќе биде во Турција каде ќе има политички разговори со неговиот колега. Сепак, останува оваа добра клима, очигледно, да има доследност и континуитет и тоа секако бара и од Турција, би рекол, ревизија на агресивниот однос што го имаше кон Грција во последните години, рече Мицотакис.
За средбата Фидан- Герапетритис, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека е во продолжение на состанокот на Мицотакис со турскиот претседател Ердоган на Самитот на НАТО во Вилнус, посочи дека со Турција разговараат за една и единствена разлика, а тоа е одредување на Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен.
-Двајцата министри за време на разговорите ќе се фокусираат на прашања што се однесуваат на билатералните односи на двете земји и регионалните случувања. Дополнително, ќе се разговара за подготовката на планираната средба на премиерот со турскиот претседател во рамките на нивното учество на Генералното собрание на ОН, како и за организирањето на Високиот совет за соработка Грција- Турција што се планирана за крајот на годината во Солун, рече Маринакис.
Грчкиот премиер денеска е во Никозија каде што учествува на трилатералниот Самит Грција – Кипар – Израел, а претходно оствари средби со кипарскиот претседател и израелскиот премиер.
Тројцата лидери, според портпаролот на грчката Влада, се очекува да разговараат за енергетиката, цивилната заштита, климатската криза, како и туризмот.