Денеска во Франкфурт, Германија, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи присуствуваше на настанот на потпишување на договор со компанијата БМЗ.
Германската компанија ќе реализира во Македонија инвестиција во вредност од 65 милиони евра, со која се проектира отворање на 755 нови работни места со конкурентни плати.
„Стабилното и предвидливо деловно опкружување кое влева доверба, низата на конкурентни мерки за поддршка на нови инвестиции, дадоа конкретен резултат БМЗ ќе гради фабрика за производство на батерии во технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2.
Со проектирањето на годишен извоз од над 360 милиони евра, во нашата економија влегува компанија која ќе има позитивно влијание на трговскиот биланс, но и директно ќе учествува во градењето на долгорочни, технолошки напредни и одржливи основи на економскиот раст и развој на земјата. БМЗ својот раст и развој го проектира врз основа на истражување и развој, на напредно знаење, што значи дека во нашето стопанство ќе донесе иновативни технологии, практики на управување и експертиза, кои воедно може да се пренесат и на домашните компании во Северна Македонија.
Менаџментот на компанијата го уверив дека во текот на реализацијата на инвестицијата и по нејзиниот завршување, во Владата ќе имаат партнер кој на транспарентен и законски втемелен начин ќе ги поддржува во нивните напори за долгорочната одржливост на бизнисот во нашата држава“ објави Битиќи на социјалните мрежи.