Министерот за здравство, Фатмир Меџити на денешната прес-конференција изрази жалење за скандалот на Клиниката за онкологија и побара од надлежните органи во најкраток можен рок да ги објават имињата на виновниците. Меџити не се чувствува одговорен за настаните во Онкологија и одговорноста ја префрли кај претходните раководители во Министерството и на Клиниката. На прашањето дали шест месеци на позицијата министер успеал да ги утврди виновниците за злоупотребите со терапиите на пациентите, Меџити рече дека тоа треба да го докажат надлежните органи.
-За првпат полицијата и обвинителството за гонење на организиран криминал влегоа на Клиниката за онкологија, тоа досега го немаше, бидејќи бевме транспарентни и имавме соработка со сите. Но, заради процесот кој е во Обвинителството, не ни е дозволено да дадеме повеќе информации, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Директорката на Клиниката за онкологија, Виолета Клисаровска, потврди дека медицинската сестра, која двапати е осомничена за злоупотреба на лекови, е отпуштена од работа.
На прашањето дали знаат точно кој од медицинскиот персонал украл и продал лекови, министерот Меџити и директорката Клисаровска рекоа дека имаат информации, но не откриваат детали. Тие побараа од медиумите и граѓаните да не го обвинуваат целиот медицински персонал во овој случај.