Откога со црвена боја на асфалтот пред Влада испишаа убијци, еден од демонстрантите раскажа за искуството на Клиниката за онкологија каде што починала неговата мајка. Вели дека била „карпа жена“ и покрај ракот на гради, но по три дена терапија станала жив мртовец, а по уште три дена починала.
-Кога одевме на хемотерапија чекавме од девет и пол наутро некаде до шест. Оставени сте сами на себе. За дома кога ќе ни дадеа терапија јас сам и ја менував инфузијата. Македонија е станата како некој холокауст. Мора овие луѓе да си преземат одговорност. Ја би сакал овде денес пред нас да ги видам сите тие луѓе, не на суд. Да ги прашам за кои црни пари го оставаат човекот кој се бори за живот и секој ден му е значаен, без лек. Секоја солза исплакана моја за мајка ми, на секоја мајка, на секое чедо да им се претвори во години и години затвор. Да скапуваат во затворите да немаат сон, морници да ги лазат, рече демонстрантот.
По неговиот говор, искуството со здравствениот систем во земјава го сподели мајка чиј син починал од рак на 31 година, а се лекувал во приватната клиника „Аџибадем Систина“ и порача дека и во приватното здравство е исто како и во јавното. При говорењето мајката се вознемири, почна да се тресе и го прекина говорот.
Демонстрантите со едноминутно молчење оддадоа почит на сите жртви на здравствениот систем, ја слушнаа химната, а по говорите тргнаа кон Обвинителството.