Министерот за локална самоуправа на Косово, Елберт Красниќи објави денеска дека е изготвено „Административното упатство за граѓанска иницијатива за отповикување на градоначалник од функцијата“, со што се отвора патот за одржување вонредни локални избори во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово.
Како што информира Красниќи преку својата страница на Фејсбук, Упатството има за цел дефинирање на процедурата на иницирање, организирање и предавање на граѓанската иницијатива за отповикување на градоначалник од функцијата, согласно Законот за локална самоуправа.
Според Красниќи, во дискусиите, работата и професионалните консултации на работната група учествувале домашните и меѓународните институции и земени се предвид сите нивни коментари и сугестии.
-За ова прашање, со оглед дека е прв пат како се третира со нормативна регулација, имаше многу коментари и сугестии. Сите се разгледани и најсодржајниот дел е адресиран. Ова упатство дава можност за практична примена на едно право кое е гарантирано со законот за локална самоуправа. Право кое го обезбедува спроведувањето на волјата на граѓаните во однос на градоначалникот кој го избираат самите граѓани, напиша Красниќи.
Косовските Срби во април годинава ги бојкотираа локалните избори, на кои победија кандидати на партиите на косовските Албанци, по што уследија протести во четирите општини. Премиерот Албин Курти одговори на протестите со ангажирање специјална полиција за заштита на новоизбраните градоначалници.
Европската унија и САД воведоа санкции кон владата на Курти, со барање за повлекување на специјалците – што делумно веќе е спроведено – и организирање предвремени избори со учество на претставниците на косовските Срби.