Обединетата албанска опозиција соопшти дека закажаниот седми по ред „национален протест”, наместо на 31 мај ќе го одржи на втори јуни.
Ваквата одлука е донесена во знак на почит кон муслиманските верници кои вечерта на 31 мај ја слават Ноќта на Кадр, една од најважните ноќи во исламскиот календар, која секогаш се паѓа третата ноќ пред празникот Рамазан Бајрам.
Според соопштението, протестот ќе се одржи пред Владата во Тирана на 2 јуни со почеток во 19:00 часот.
Од друга страна владејачката Социјалистичка партија, која ја предводи изборната коалиција Алијанса за европска Албанија, најавениот официјален почеток на изборната кампања за 31 мај, поради протестот на опозицијата, го одложи за 1 јуни.
Ова вчера го соопшти албанскиот премиер и лидер на социјалистите, Еди Рама кој денот на официјалниот почеток на изборната кампања го соопшти пред десет дена, но кога опозицијата најави дека и таа ќе протестира истиот ден, официјалниот почеток на кампањата го одложи за 1 јуни.