Со Свечена академија – „32 години независност“ што ќе се одржи попладнево во Филхармонијата, почнува одбележувањето на Денот на независноста на Република Северна Македонија, 8 Септември.
Свечената академија на која ќе присуствува и ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски, ќе се пренесува во живо на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата.
Одбележувањето на државниот празник кое е организирано од Владата под мотото „Гласник на слободата“, продолжува утре со повеќе културни, забавни и спортски настани.
Утре во рамки на чествувањето 32 години од прогласувањето на независноста на државата, во 10:00 часот, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во состав првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за здравство Фатмир Меџити, ќе оддаде почит и ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во Алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Во 10:45 часот, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити заедно со директорот на ГОБ „8-ми Септември“ др. Христијан Костов, во ГОБ „8-ми Септември“ ќе присуствуваат на презентација на нова опрема и апарати.
Одбележувањето на Денот на независноста ќе продолжи во Градскиот парк во Скопје, на просторот во близина на локацијата „Школка“, каде ќе се одржат тактичко-показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи. На локацијата „Школка“ е предвидена и културно-уметничка програма, во рамки на која ќе учествува воениот оркестар на Армијата на Северна Македонија, културно-уметнички друштва, членовите на „Златно славејче, како и програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат претстава „Гига Мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо).
Во текот на денот, на истата локација, сите заинтересирани ќе имаат можност да бидат дел од серија спортски активности организирани во соработка со Агенција за Млади и Спорт.
На манифестацијата во Градскиот парк, ќе присуствуваат претседателот на Владата Ковачевски и членови на Владата на Република Северна Македонија.
Дополнително, како дел од одбележувањето на Денот на Независноста, во организација на Владата, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните, од 11:00 часот во целата држава, ќе почне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки ќе се обезбеди бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.
Сите заинтересирани граѓани ширум државата, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“, „Хераклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“, Музејот Охрид, музеите и заводите во Прилеп, Битола, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Бесплатен влез за граѓаните ќе биде и во Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево. Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ, додека во Струга ќе биде бесплатен влезот во Музејот д-р Никола Незлобински.
Во Скопје ќе бидат отворени за посета Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, Националната Галерија на Северна Македонија, Спомен-куќата на Мајка Тереза како и Конзерваторскиот центар (црквата Св. Спас).
Во Музејот на македонската борба за самостојност на 8 септември во 12:00 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други. Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20:00 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.
По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18:00 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов. Во 20:00 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески.