Од 15 до 17 септември, во организација на „Македонската Соларна Асоцијација“ и Скопје Сити Мол ќе се одржи голем „Соларен Саем“. Со учество на преку 20-тина компании, на 24 резервирани локации, на приземјето во Скопје Сити Мол, посетителите ќе имаат можност да ги погледнат најновите технологии од соларниот сектор.
На настанот ќе бидат присутни производители и трговци на соларна опрема како: фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фото/термални колектори, громобранска заштита, системи за греење/ладење/вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни
сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери.
Посетителите ќе можат да учествуваат и на дискусии за користење на обновливи извори енергија за домаќинства и да слушнат препораки од граѓанските организации кои работат во овие сектори. При разгледувањето на соларната опрема граѓаните ќе можат да остварат непосредни средби и со претставници од банкарскиот сектор и со донатори и ќе добијат корисни препораки за различни опции за финансирање при избор на опрема.
За најчестите прашања од граѓаните, кои пристигнуваат на адреса на асоцијацијата како: „Која е правната регулатива, кога се инсталира фотонапонски систем?“; „Кои се чекорите за одржување на системот за негово одржување?“; „Каде може да пронајдеме субвенции?“… Солар Македонија подготви одговори во „Климатско нетурален прирачник“, кој, посетителите ќе можат да го погледнат на саемот преку скенирање на QR код.
Целта на саемот е да се намали влијанието на климатските промени преку примена на обновливи извори енергија.
„Ова би се постигнало преку сеопфатна едукација на населението. Зајакнувањето на капацитетите е можно со зголемување на јавната свест за инвестиција во сертифицирана опрема според европска регулатива. Многу често зборуваме за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, но ретко се прашуваме, кои сертификати и услови се неопходни при избор на најадекватниот систем. На овој саем граѓаните ќе можат да се едуцираат и информираат каква опрема се нуди кај нас, каде има субвенции, поволни кредитни линии за енергетска ефикасност и на лице место да погледнат во каква опрема би можеле да инвестираат“, велат професор Илија Насов и машинскиот инженер Стефан Трајков од асоцијацијата Солар Македонија.
„Сакаме да ја подигнеме свеста за моќта која ја имаат граѓаните како потрошувачи за да влијаат на подобрување и заштита на животната средина, штедење на струја и наедно пари, само така ќе се намалат последиците од климатските промени. На настанот ќе бидат присутни и граѓански организации кои работат во секторите животна средина, енергија и клима, па присутните ќе можат да се информираат повеќе и за нивните активности и кампањи“, истакнува Жарко Конески, раководител на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени.
Македонската Соларна Асоцијација, „Солар Македонија“ е здружение со над 70 членки и претставува стручно, научно, образовно и невладино здружение, чија мисија е зајакнување на соработката помеѓу македонските компании во секторот за сончева енергија (производители, изведувачи, увозници, трговци), како и поврзување на експерти и научници oд сите научни гранки за промоција и поголема искористеност на обновливите извори на енергија. Здружението работи на повеќе нивоа во синџирот на добавување – од производство до сервис и одржување на сончевите енергетски системи, како и на промоција на сончевата енергија како одржливо решение за енергетските потреби. Дополнително е верифициран тренинг центар, кој издава валидни лиценци за монтажери признаени од Министерство за Образование и Центарот за образование на возрасни.
Саемот е финансиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест” и во соработка со „Македонското здружение на млади правници“ и „Организација за поврзување на природни вредности и луѓе” (CNVP). Целиот проект финансиски е поддржан од Владата на Кралството Шведска.