Кој е на страна на правдата, а кој штити криминал, вака утрово преку партиски соопштенија се расправаат политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
И едната и другата партија тврдат дека го бранат интересот на граѓаните и меѓусебно се обвинуваат за тоа кој соработува со владејачкото мнозинство.
„Левица е лицемерна како и секогаш, наместо да се бори против и да гласа против амнестијата на криминалците од СДС и ДУИ тие им помагаат. Левица е параван за политиките на СДС и ДУИ. Левица е за амнестија на криминалците од власта.
Ковачевски е премиерот кој ќе остане како лидер на најнеспособната власт, а Димитар Апасиев како човек кој преку шарената револуција и криминалното СЈО помогнал да се востоличи таа најнеспособна власт на СДС и ДУИ“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На ова возвратија од Левица тврдејќи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ обезбедиле кворум за вчерашното гласање, истакнувајќи дека токму Левица е единствената вистинска опозициска партија во Собранието.
„Левица останува единствената автентична парламентарна партија која го брани народниот интерес во парламентот и ветува дека по следните парламентарни избори, повторно ќе ја заостри казнената политика и ќе го дуплира рокот за застарување на криминалите на вечната коалиција СДС-ДУИ-ДПМНЕ“ се наведува во соопштението од Левица.
Вчера во Собранието беа донесени измените на Кривичниот законик, со кои според предлагачот, Владата и според владејачката СДСМ, се создава законска можност за поголема примена на мерката конфискација од страна на судиите преку проширување на опфатот на кривични дела за кои ќе може да се применува проширена конфискација.