Портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг синоќа изјави дека како мерка на претпазливост САД почнаа со прераспоредување на своите војници во Нигер.
Американското Министерство за одбрана преместува дел од својот персонал и средства од воздухопловната база 101 во Ниамеј во воздухопловната база 201 во Агадез, во северниот дел на Нигер.
Според Синг прераспоредувањето е превентивно и оти нема непосредна закана по американскиот персонал или насилство на теренот. Таа додаде дека некои несуштински персонал и подизведувачи ја напуштиле земјата пред неколку недели.
На 26 јули претседателот на Нигер, Мохамед Базум беше соборен од армијата и тој и неговото семејство се во домашен притвор во претседателската палата.
САД имаат околу 1.100 војници стационирани во Нигер, кои дејствуваат против екстремистичките групи активни во тој регион.