Под слоганот „Гласник на слободата”, во организација на Владата на Република Северна Македонија, денеска на повеќе локации во државава се чествува големиот државен празник Денот на независноста – 8 Септември.
На манифестацијата којашто се одржа во Градскиот парк во Скопје, присуствуваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
На локацијата „Школка” во Градскиот парк се одржа културно-уметничка програма, во рамки на која учествуваше Воениот оркестар на Армијата на Северна Македонија, како и културно-уметнички друштва.
Во состав на програмата настапија и членовите на „Златно славејче”, а беше изведена и програма за деца со учество на Театарот за деца и младинци кои ја одиграа претставата „Гига Мега бајка”.
Во рамките на одбележувањето на Денот на независноста, посетителите имаа можност да бидат дел од серија спортски интерактивни активности организирани во соработка со Агенцијата за млади и спорт.