Македонија останува нерешива енигма за Италија

Нов македонски фудбалски шок доживеа фаворизираната Италија. Во квалификациски натпревар од групата за пласман на Европското првенство 2024, во Скопје на арената „Тодор Проески“ Македонија ремизираше со актуелниот европски првак Италија (1:1).

Ова беше четврто соочување на Македонија и Италија по кое двете селекции имаат по една победа и два нерешени исходи, бројки кои потврдуваат дека „аѕурите“ им лежата на „црвено-жолтите“. Италија иако влезе како голем фаворит, воопшто не ја надигра Македонија. Италијанците на стартот, создадоа неколку шанси, погодија и статива, први дојдоа до водство уште во 47 минута преку капитенот Чиро Имобиле кој одбиената топка од гредата со глава ја смести во мрежата на Столе Димитриевски. Сепак ова не им беше доволно на крајот да заминат со трите бода.

Дебито на селекторската клупа на Лучијано Спалети му го расипа македонскиот капитен Ени Барди. Во 81 минута со мајсторски удар од дваесетина метри, во негов стил го матира Донарума за експлозија од воодушевувања на пристојно исполнетиот стадион во Скопје.

Италија во последните минути повторно се растрча да дојде до ново водство и евентуален триумф, но тешко им одеше на лошиот терен и мотивираната македонска репрезентација.

Треба да знаете
Последни објави