Шеесетина возила се дел од денешната изложба на олд тајмери во Кавадарци, во организација на Авто мото клуб РПМ и кавадаречката локална самоуправа. Сите заинтересирани може да ги погледнат и да се фотографираат во центарот на градот, како и да слушнат интересни приказни поврзани со нив.
Дел од сопствениците на овие миленици на четири тркала, рекоа за МИА дека станува збор за стари возила, но со многу голема вредност во историјата на автомобилизмот и посебно, за нив самите, па затоа им посветуваат љубов и внимание. Ги има од земјава, но и од странство.
– Целта е да ги промовираме и зачуваме македонската историја и македонскиот автомобилизам, бидејќи олд тајмерите се клучен дел и основа на секој автомобилизам и автомобилската култура на секоја земја, рече Кирил Димитров Урошев, дел од организацијата на настанот, што се реализира во стручна соработка со Федерацијата на историски возила во Македонија, членка на светската федерација.
Изложбата е во рамките на традиционалната стопанско – културна и туристичка манифестација ,,Тиквешки гроздобер”.