Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека на маргините на Самитот на Г20 разговарал со американскиот претседател Џо Бајден за набавка на борбени авиони Ф-16 од САД.
– За жал, нашите пријатели постојано ја споменуваат Шведска кога станува збор за Ф-16. Таквиот пристап сериозно не вознемирува, посочи Ердоган.
Тој повтори дека евентуалниот прием на Шведска во НАТО е во надлежност на турскиот Парламент.
– Не сум во ситуација да можам сам да одлучувам. Тоа мора да биде усвоено од Парламентот. Шведска мора да ги исполни своите обврски, наведе Ердоган.
Турција тврди дека кандидатурата на Шведска за членство во НАТО и прашањето за Анкара за купување на Ф-16 од САД не се поврзани. Официјална Анкара побара борбени авиони и опрема Ф-16 за модернизирање на авионот во октомври 2021 година.
Договорот вреден шест милијарди долари ќе вклучува продажба на 40 авиони, како и комплети за модернизација за 79 борбени авиони,.
Стејт департментот неформално го извести Конгресот за можната продажба, но клучните пратеници на Капитол Хил предупредија дека ќе го отфрлат договорот поради неколку барања, вклучително и условување на Анкара со купувањето на авиони за одобрување на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО.
Анкара тврди дека авионите ќе ја зајакнат не само Турција, туку и НАТО.