Поради обилните дождови што ги донесе тајфунот Хаикуи, кој сега е тропска бура, јужна Кина е поплавена веќе седми ден, а голем број жители и патишта се блокирани.
Во руралниот округ Бобаи во регионот Гуангкси, спасувачите на чамци се обидуваат да ги евакуираат луѓето на безбедно од вода длабока повеќе од два метри, јавија државните медиуми.
Во планинските региони на областа, лизгањето на земјиштето уништи патишта и урна мостови. На една метеоролошка станица во Бобаи беше соборен локален рекорд кога количината на врнежи достигна 511,2 милиметри на метар квадратен, што е повеќе од четвртина од годишните врнежи во регионот.
Хаикуи ослабе од тајфун во тропска бура на 5 септември кога ја погоди кинеската провинција Фуџијан, но продолжи да носи обилни врнежи во јужна Кина, при што градот Шенжен беше погоден од најсилните дождови откако се води евиденција во 1952 година.
Хонг Конг го зафати најсилното невреме во последните 140 години. Метеоролозите најавија дека обилните врнежи ќе продолжат да паѓаат во Гуангкси во следните неколку дена.