Компанијата Ексор, која го поседува Јувентус, не планира да го стави торинскиот гигант на продажба, демантирајќи го пишувањето на весникот „Ил Џорнале“.
Портпаролот на компанијата рече дека медиумскиот напис е „неоснован“.
Италијанскиот весник „Ил Џорнале“ денеска објави, без да наведе извори, дека сопствениците на Јувентус размислуваат да го продадат клубот.
Според весникот, компанијата Ексор, која е под контрола на семејството Ањели, смета оти последните финансиски резултати „веќе не се одржливи“, а и скандалот со платите на фудбалерите негативно влиајел на клупското реноме.
Јувентус оваа сезона е исфрлен од Конференциската лига поради кршење на правилото за финансиски ферплеј, а воедно е казнет и парично со 20 милиони евра, од кои десет милиони евра условно.