Илјадници Израелци, кои се противат на контроверзната судска реформа, излегоа на улиците пред Врховниот суд во Ерусалим, пред утрешното клучно судско рочиште за планот на крајнодесничарската израелска влада за ограничување на судските овластувања.
Удирајќи во тапани, веејќи сино-бели израелски знамиња и носејќи транспаренти на кои пишуваше „Слобода“ и „Рацете подалеку од Врховниот суд“, демонстрантите од целата земја се собраа пред судот на масовен протест.
Тие се спротиставуваат на планот за судски реформи што ја предизвика една од најголемите внатрешни кризи во историјата на Израел.
Утре сите 15 судии на Врховниот суд, за првпат во полн состав, ќе ги сослушаат жалбите на организациите за човекови права и поединци за првиот клучен реформски закон што Кнесетот (израелскиот парламент) го усвои во јули.
Со тој закон се укинува овластувањето на судот да блокира владини одлуки и именувања со образложение дека тие се неразумни.