Регионалната соработка има позитивни ефекти во функционирањето и животот на граѓаните во регионот, оцени претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми, во обраќањето на конференцијата „Зајакнување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ која во ораганизација Институтот за демократија и неговите партнери во земјите од Западен Балкан се одржа во Собранието.
Како пример Адеми ги истакна трите ратификации договорени во рамките на „Отворен Балкан“, за признавање на високобразовните квалификации, за професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централно-европскиот договор за слободна трговија, како и за слободно движење со лични карти.
-На конференцијата, посветена на можностите и модалитетите за вклучување на парламентите во Берлинскиот процес, Адеми истакна дека регионалната соработка на Западен Балкан е сржта на Берлинскиот процес, и како таква претставува дел од политичките приоритети и критериуми, утврдени во Рамката на политиката за проширување. Во тој контекст, напомена дека досега во фокусот на овој процес беше економската димензија, со цел создавање Регионална економска област, која е во интерес на економскиот развој и зближување на регионот, но дека по Самитот во Познањ во 2019 година, покрај учеството на Владата, се планира во него да се вклучат и парламентите, соопшти прес-службата на Собранието.
На конференцијата учествуваа пратеници од парламентите на земјите од регионот, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово, кои во своите дискусии ја истакнаа потребата за вклучување на парламентите во Берлинскиот процес, преку воспоставување парламентарен дијалог во клучните области на политичката, економската, социјалната и безбедносната соработка во регионот.