На претпоследниот програмски настан од годинашните Мајски оперски вечери, во Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе биде изведена операта „Травијата” на Џузепе Верди со Сања Керкез од Белград во главната улога, во режија на Верена Штојбер од Германија.
– Моќна, динамична, привлечна, исполнета со емоции и страст, ремек-дело чие либрето е напишано според романот „Дамата со камелии” на Александар Дима, соопшти Националната опера и балет.
Покрај Сања Керкез, која ќе настапи во улогата на Виолета Валери, во претставата учествуваат и Благој Нацоски како Алфред Жермон и Грузиецот Отар Накашидзе како Жорж Жермон. Со оркестарот ќе диригира Филип Павишиќ од Хрватска.
Следен и последен настан на 47. Мајски оперски вечери е „Аида” на 31 мај. Со оваа популарна Вердиева опера фестивалот и беше отворен на 9 мај. Продукцијата е на театарот „Карло Феличе” од Џенова, а за втората изведба за затворањето в петок ќе има меѓународна екипа, со Русинката Олга Романко во насловната улога.