Грковска на СЕФФ: Со практикување на принципите на добро владеење може да ја донесеме Европа сега и веднаш

Доброто владеење е суштинско за секоја успешна земја, особено во контекст на ЕУ-интеграциите. Тоа ги содржи принципите на транспарентност, отчетност, ефикасност, инклузивност и интегритетот како основна вредност. Со практикување на овие принципи и вредности, може да ја донесеме Европа сега, веднаш, без да чекаме имплементација на реформите, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“ во организација на Министерството за финансии.

Како учесничка на првиот панел на форумот, посветен на европската и регионалната интеграција, вицепремиерката Грковска се осврна на потребата од зајакнување на правосудниот систем преку надминување на проблемите кои се забележани во сите релевантни извештаи и проценки, како и со понатамошно унапредување на јавната администрација, за ефективно и ефикасно да ја исполнува својата улога како сервис за граѓаните и компаниите.

-Тоа се столбовите врз кои се гради доброто управување. Со тоа создаваме цврста основа не само за напредок во економијата, туку и за просперитет на сите општествени нивоа. И тоа го отвора патот за успешна интеграција во ЕУ, како главна стратешка цел за нашата генерација и за оние кои ќе дојдат после нас, изјави вицепремиерката Грковска. 

Додаде дека во овие процеси мора да се искористи потенцијалот на целото општество, затоа што со посветеност и фокусирана енергија, може да се справиме и со проблемите кои изгледаат како невозможна мисија.

-Ништо не произлегува од апатијата, ништо не може да се изгради со цинизам, потенцираше Грковска.

Таа се осврна и на потребата континуирано да ги потсетуваме нашите граѓани на трансформативната моќ на интеграцијата во ЕУ, бидејќи таа останува сила за позитивни промени, која ги зближува луѓето, го поттикнува економскиот раст и промовира демократски вредности. Со тоа, пристапувањето кон ЕУ е единствениот сигурен пат кон подобар животен стандард и подобра средина за нашиот економски и социјален напредок.

„Да или не за Европа“ воопшто не треба да биде прашање. Но колку скоро е „сега“ е она вистинско прашање, кое е упатено до лидерите од ЕУ, но пред се на популистите на нашата политичка сцена, кои, заради свои тесни интереси му наштетуваат на интегративниот процес, а со тоа и на севкупниот напредок за сите наши граѓани, рече Грковска. 

Треба да знаете
Последни објави