Уставните измени се прашањето што ќе го откочи процесот, односно ќе го овозможи продолжувањето на патот кон ЕУ. Сметам дека сите треба пред граѓаните да излеземе и покажеме дали стоиме зад нивната волја да станеме членка на Европската унија, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.
Тој истакнува дека опозицијата целосно ја партизира агендата, целосно ја става европската перспектива на државата во функција на наредните избори.
– Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес и затоа сметам дека треба пред граѓаните да излеземе со јасна порака. Дали поддржувате политички структури коишто сакаат државата да биде членка на Европската унија или тие што сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател и таму се зацртува една нова алтернатива на Европската унија? Затоа сметаме дека сега е време сите политички партии кои што се залагаат за ЕУ да бидат дело од Европски фронт. Останатите нека си направат свој фронт па да излеземе пред граѓаните и да бираат граѓаните. Дали сакаат Европска унија или ја сакаат таа коалиција којашто се сретна скоро во Русија, порачува министерот Османи.
Според Османи, премногу сме мали, премногу зависни, премногу, како што вели во интервјуто, ранливи, без тој голем систем што го нуди ЕУ и тоа, подвлекува, не сме го констатирале ние, го констатирале многу поголеми држави во ЕУ.
Говорејќи за „Фронтот за Европа“, идеја што ја промовира лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, министерот Османи нагласува дека, засега, на државно ниво се води координацијата со сите политички партии, независно од етничка или било каква припадност, но важно е дали тие се залагаат за членство во Европска Унија или не.
– Се разбира дека на ниво на политичката партија работиме со албанските политички партии во моментот, кои се залагаат за Европска Унија, за создавање на тој фронт, а се разбира како ќе се ближат изборите, тогаш ќе се прошири или евентуално ќе се разговара и со други партии, открива министерот Османи во интервјуто за Фронтлајн и ЦИВИЛ МЕДИА.
Османи не ја исклучува можноста „Фронтот за Европа“ да настапи со заеднички кандидат на претседателските избори следната година,.
– Тоа веќе го имавме на минатите избори. Актуелниот претседател е заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ што е еден преседан кој што навистина многу држави го посакуваат, а тоа е двете најголеми етнички заедници да имаат заеднички кандидат за претседател. Ние можеме тоа да го потцениме, но тоа е навистина најголемото постигнување на една мултиетничко општество и мислам дека тоа се покажа како добар пример и не исклучувам тоа да се повтори, изјави меѓу другото Османи во интервјуто