Вардар по вторпат откако почна новата ракометна сезона во машка конкуренција, во Македонија, го совлада актуелниот првак Еурофарм Пелистер. Овојпат во рамките од првенството, во Скопје со 30:25, а пред десетина дена како увертира за почеток на сезоната во Струмица славеше за трофејот за Супер купот (30:26). Ова е само најава дека ќе следува неизвесна и возбудлива битка меѓу најсериозните конкуренти за распределба на трофеите.
Вардар наметна ритам и дојде до водство од 6:1. Првиот гол од игра битолчани го постигнаа во 15. минута од мечот. Вардар направи грешки и му дозволи на Пелистер да се врати резултатски во игра (8:6).
Репрезентативниот голман Мартин Томовски беше сигурен на голот на Вардар и заедно со Стефан Петриќ, Косуке Јасухира и Милан Лазаревски беа главните кои се погрижија на пауза Вардар да замине со 15:12.
Второто полувреме почна со нова офанзивна серија на „вардарци“, кои направија шест гола разлика (19:13) во 36. минута. Но, Пелистер не се предаде и пак се врати во игра, но немаше сили за целосен пресврт (21:19) во 49. минута.
Томовски продолжи со сигурните одбрани на голот и не дозволи мечот да влезе во незивесна завршница. Натпреаврот го заврши со 15 одбрани, а Пелистер кој ги ротираше тројцата голмани, на крајот заедно имаа девет одбрани (Лесјак 5, Гедбан 3, Кизиќ 1). Кај Вардар најефикасни беа Лазаревски и Срдановиќ со по шест гола, Петриќ пет, а Јасухира четири. Кај Пелистер, Борзаш Костески и Кузманоски завршија со по пет постигнати голови.