Сепак ќе може да има акциски продажби во маркетите

Сите производи кои согласно утрешната владина одлука ќе поевтинат за 10 проценти, ќе може да се ставаат и на „акциски“ продажби во маркетите, но по цени пониски од веќе намалените. Доколку, пак, „акцијата“ е поради рокот на траење на производите, тоа ќе мора да биде јасно наведено – дека намалувањето на цената е поради истекот на рокот на производот. 

Како што рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши, утре ќе има мала корекција на одлуката за акциските продажби, а целта е да се спречи секаква измама или манипулација на потрошувачите од страна на трговците.

Претходно граѓаните реагираа на најавата за забрана на акциски продажби, особено поради фактот што голем број производи при вакви продажби имаа намалување и до 40%.

-Акции за дополнително намалување на цените од ова што утре ќе го утврдиме, ќе бидат дозволени. Тие што можат тоа да го направат, може да се промовираат себе си, нас не ни е проблем. Нам ни е важно да има намалување на цените и потрошувачите да не бидат доведени во заблуда. Акции може да има за сите производи кои ги има одреден супермаркет, но нема да може да се стави „акција“ како ознака во моментот кога таа акција е поради истек на рокот. Тоа ќе мора да се наведе – дека намалувањето на цената на производот е поради истек на рок за потрошувачот сам да одлучи дали би го купил тој производ и дали има време во рок од два, три, пет или десет дена да ги потроши производите што би ги купил. Утре ќе има мала корекција на таа одлука. Мене ми беше важно граѓаните да не бидат измамувани и да не се ставаат во заблуда, потенцира Бектеши.

Тој информира и дека веќе е подготвено ново законско решение за нефер трговски практики, а ќе има измени и во Законот за Државен пазарен инспекторат со кои ќе се зголемат надлежностите на оваа институција.

-Наредниот вторник ќе има неколку предлози од Министрството за економија кои доаѓаат од експерти и се дискутирани со стопанските комори. Веќе е подготвено ново законоско решение за нефер трговски практики, иако тоа е предвидено со Законот за потрошувачи, ќе има одредени механизми и за казнување, но и за злоупотребите при формирањето цени во секторот трговија. Ќе биде со европско знаменце, а за пример се земени држави од ЕУ во кои има вакви законски решенија.  За ова ќе ја информираме јавноста кон крајот на оваа и почетокот на идната недела, откако ќе завршат сите консултации со коморите и Организацијата на потрошувачите, истакна Бектеши. 

Треба да знаете
Последни објави