Наполи со 4:2 го победи Ајакс и се пласира во осминафиналето од фудбалската Лига на шампионите, Атлетико Мадрид одигра само 0:0 против Клуб Бриж кој натпреварот го заврши со десет фудбалери. Ова е епилогот од воведните два натпревари од вечерашната програма во Лигата на шампионите. Наполи дојде до четвртата победа во четвртиот натпревар од Лигата на шампионите оваа сезона откако уште еднаш го совладаа Ајакс овојпат на „Диего Марадона“ со 4:2. Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас ги одигра последните 15 минути од натпреварот во тимот на Наполи, кој поведе со гол на Лозано уште во четвртата минута, а десетина минути подоцна погоди и Распадори за водство од 2:0.
Во четвртата минута од вториот дел Ајакс успеа да се врати во игра со голот на Класенс (2:1), но во 62. минута од пенал Кваратцхелија повторно обезбеди сигурна предност за Наполи. Пенал доби и Ајакс, во 83. минута кој Бергвајн го претвори во гол и повторно ги озживеа надежите дека холандскиот тим може да го избегне поразот, но во 90. минута Осимен постигна гол за конечни 4:2.
Наполи со максимални 12 бодови на две кола пред крајот обезбеди пласман во осминафиналето од групата А.
И Клуб Бриж од групата Б обезбеди осминафинале откако на гостувањето кај Атлетико во Мадрид остана непоразен (0:0). Белгискиот тим има десет бодови.
Атлетико Мадрид има само четири бода, по три имаат Порто и Баер Леверкузен, но тие имаат и натпревар помалку, сега ќе го играат својот меѓусебен дуел.