Шпанските фудбалски репрезентативки, кои пред еден месец ја освоија светската титула, денеска одлучија да го прекинат бојкотирањето на националниот тим, откако Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ) вети „итни и длабоки“ промени во својата структура.
Одлуката за прекин на бојкотот беше донесена во раните утрински часови по долги состаноци во текот на изминатата ноќ меѓу репрезентативките, претставници на РФЕФ, Шпанскиот национален спортски совет (ЦСД) и Синдикатот на фудбалерките (ФУТПРО).
„Фудбалерките изразија потреба за длабоки промени во РФЕФ, кој, пак, од своја страна се обврза дека ќе изврши промени веднаш“, изјави претседателот на ЦСД, Виктор Франкос.
Претходно вкупно 20 фудбалерки кои беа во составот на неодамнешното Светско првенство и се најдоа на списокот на новата селекторка одлучија да ја бојкотираат репрезентацијата, но откако се соочија со парични казни од 30.000 евра и суспендирање на лиценцеит од две до 15 години, одлучија да се појават на вчерашниот тренинг. Две од нив потоа го напуштија репрезентативниот камп од „лични причини“, но по синоќешниот состанок е одлучено ниту една да не биде казнета.