Протестите во Ерменија, кои започнаа синоќа, продолжуваат и денеска. Граѓаните на Ерменија, кои излегоа на улиците за да протестираат против ситуацијата во Нагорно-Карабах, го обвинуваат првиот човек на владата во Ереван дека овој регион му го предал на Азербејџан.
Демонстрантите денеска ја блокираа авенијата Тиграна Мец до зградата на ерменската Влада во центарот на Ереван, барајќи оставка од премиерот Никол Пашинјан.
Протестите доаѓаат откако етничките Ерменци во отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах денеска се согласија на рускиот предлог за прекин на огнот, 24 часа откако Азербејџан започна офанзива за да ја врати контролата врз енклавата во која загинаа десетици, а стотици лица се повредени.
Демонстрантите извикуваат антивладини слогани, обвинувајќи го Пашинјан и неговата политика за неуспешниот исход на ситуацијата во Нагорно-Карабах.
Министерството за одбрана на Азербејџан претходно денеска соопшти дека е постигнат договор за прекин на огнот во Нагорно Карабах, односно за суспензија на антитерористичките мерки во таа област во 13 часот по локално време. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека неговата земја не учествувала во подготовката на текстот на договорот за прекин на огнот во Нагорно Карабах.
Ерменските сепаратистички сили во Карабах соопштија дека војската на Азербејџан ги пробила нивните линии и зазела бројни високи и стратешки патни јазли „додека светот стоеше на страна и не презеде ништо“. Самопрогласената „Република Артсах“ соопшти дека во такви околности нема друг избор освен да ги прекине непријателствата денеска во 13 часот по локално време.
„Властите на Република Артсах го прифаќаат предлогот на командата на рускиот мировен контингент за прекин на огнот“, се вели во соопштението. „Со посредство на командата на рускиот мировен контингент стациониран во Нагорно-Карабах, постигнат е договор за целосен прекин на воените дејствија од 13 часот на 20 септември 2023 година.
Новиот развој на ситуацијата почна вчера, кога Азербејџан започна операција против Нагорно-Карабах, откако некои од неговите војници беа убиени во, како што рече Баку напади од планинскиот регион, кој Азербејџан го изолираше.
Баку побара сепаратистичките политички власти во Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, исто така да се распуштат пред какви било разговори за иднината на регионот, кој Азербејџан сака целосно да го интегрира, да го положат оружјето и да се разоружаат.
Ерменските сепаратисти од Нагорно Карабах најавија дека денеска ќе го положат оружјето како дел од постигнатиот прекин на огнот и оти утре ќе почнат преговорите за реинтеграција на спорниот регион во Азербејџан.
За Нагорно-Карабах со децении се води жесток спор. Регионот, мнозински населен со Ерменци, географски е целосно опкружен со територија на Азербејџан. Само еден пристапен пат, таканаречениот „Коридор Лачин“, го поврзува со државата Ерменија, преку која вообичаено се снабдува со стока.
Но, од декември 2022 година, овој пат е блокиран од Азербејџан, потсетува Дојче веле. Оттогаш, регионот е во голема мера отсечен од надворешниот свет. Првично, барем Меѓународниот Црвен крст и руските трупи, кои требаше да го надгледуваат договорот за прекин на огнот договорен меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година, сè уште можеа да донесат помош во регионот. Но, во јуни, по битката меѓу ерменските и азербејџанските војници на нивната заедничка граница, азербејџанскиот лидер Илхам Алијев ја заостри блокадата, така што оттогаш жителите на енклавата се оставени целосно сами на себе.
Според одредени аналитичари, најголеми губитници од овој договор се карабашките Ерменци. Томас де Вал, виш соработник во истражувачкиот центар Карнеги Европа, коментира за Гардијан што значи денешниот прекин на огнот за регионот, но и за светот.
„Примирјето е позитивно, очигледно, доколку трае, бидејќи ќе биде избегната заканата од масовно крвопролевање“, рече Де Вал. „Она што го гледаме овде е интервенција на Русија во име на Азербејџан со цел да ги задржи своите мировни сили во Карабах барем на некое време, а со тоа и упориште во Јужен Кавказ“, додава тој.
Главните губитници се Ерменците од Карабах кои ја загубија својата 35-годишна борба за самоопределување или отцепување од Азербејџан. Тие сега губат секакви средства за самоодбрана и се соочуваат со многу неизвесна иднина во Азербејџан. Карабах можеби избегна целосно уништување, но поверојатно е дека ќе се соочат со бавно отстранување од нивната татковина, бидејќи Азербејџан не им нуди никаква автономија или посебни политички права“, објасни тој.
Други губитници, рече тој, „се Европската Унија и САД, кои многу се трудеа да бидат посредници во овој конфликт, но чија порака за правата и меѓународните гаранции беше удавена во поострите пораки од Азербејџан и Русија“.