Британскиот крал свечено пречекан во Франција, вечераше со Макрон во Версај

Британскиот крал Чарлс вчера пристигна во тридневна државна посета на Франција. Кралот и сопругата Камила беа почесни гости на државната вечера во Версај, а на менито имаше јастог и француски и англиски сирења.

„И покрај Брегзит и бидејќи нашите врски се толку стари, знам дека ќе продолжиме заедно да пишуваме дел од историјата на нашиот континент“, рече францускиот претседател Емануел Макрон.

Беа поканети повеќе од 150 гости, меѓу кои британскиот актер Хју Грант, рок ѕвездата Мик Џегер, францускиот милијардер Бернард Арно и поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер.

Чарлс и неговата сопруга беа пречекани на аеродромот Орли од премиерката Елизабет Борн, а потоа присуствуваа на церемонијата во Триумфалната капија каде им оддадоа почит на француските и британските војници кои загинаа во двете светски војни.

Денеска заедно со Макрон и неговата сопруга Брижит ќе ја посетат катедралата Нотр Дам која се обновува по пожарот во 2019 година. Потоа во петок ќе го посетат Бордо каде ќе посетат органско лозје.

Кралот, кој течно зборува француски како неговата мајка, покојната кралица Елизабета, ја гледа посетата како можност за обновување на односите меѓу двете земји оштетени од хаотичниот Брегзит.

„Мораме да го зајакнеме нашето пријателство за да одговориме на предизвиците на 21 век“, рече Чарлс на гала вечерата.

Чарлс планираше да ја посети Франција во март, но посетата беше одложена поради масовните протести во Франција поради пензиските реформи. Тоа требаше да биде негова прва државна посета како крал.

Треба да знаете
Последни објави