Анализата на порталот рацин.мк за работата на царинските инспектори во перидот од јуни до септември оваа година говори за новите интереси на црниот пазар, како што се лековите и суплементите, на што царинските службеници сега обрнуваат посебно внимание. Од друга страна во најголем дел и понатаму се обидите за шверц со „евергрините“, како што се оружјето, дрогата, парите…
Веста на почетокот на овој месец дека царинските инспектори заплениле 4 тона апчиња и гел за орална употреба за потенција во вредност од 41,7 милиони денари, односно 666.000 евра, ја поттикна редакцијата на Рацин.мк да направи еден преглед на акциите на инспекторите на Царинската Управа за да стекнеме слика кои се приоритетите на трговците со нелегална стока, призводи и други предмети кои се или забранети или за нив не била спроведена потребанат легална постапка за царинска декларација.
Шверцот, односно нелегалната трговија, освен што е сериозен удар за буџетот на државата, стоката и производите во овие незаконски активности се со потенцијал за закана на здравјето, па дури и со потенцијал за закана за животот и безбедноста кога станува збор оружјето или за материи и супстанци кои се штетни за природата и животната средина.
Обидот за недозволено внесување на 48 илјади кутии „Орал Џели“ односно 100 мл гел за орална употреба „Камагра“, 10.530 ленти со 100 мг таблети „Камагра“ и 7.000 кутии со 100 мг и 150 мг таблети „Ценфорце“, во вкупна количина од 4 тони е престретнат од страна на македонските цариници, а против сторителите е поднесена кривична пријава за нелегална трговија.
Станува збор за „лекови“ што не се регистрирани во Регистарот на лекови на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија, а Царинската управа со оваа заплена се ставила во заштити здравјето на граѓаните преку обезбедување сигурен и безбеден трговски синџир на лекови, спречувајќи трговија со лекови во државата коишто не се одобрени.
На граничен премин Деве Баир на влез во државава при контрола на автобус се запленети 329 парчиња раствори за инјекции Gadovist 1.0 коишто се употребуваат и за дијагностика на бенигни и малигни заболувања при магнетна резонанца, скриени во пакет со етикета од производител на вода за пиење.
Лековите се пронајдени во автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал од Истанбул до Пеќ во Косово, во средината, под едно од седиштата, а против лицето е поднесена кривична пријава до надлежниот суд за кривично дело криумчарење по член 278 од Кривичниот законик, со што е запрено растурањето и недозволената трговија со лекот.
Оружје, дрога, пари… „евергрини“ на шверцерите
Овој преглед за работата на царинските инспектори во перидот од јуни од септември оваа година, освен што говори и за новите интереси на црниот пазар, што од друга страна го подига вниманите на царинските службеници, може да се види дека во најголем дел и со најголема вредност се обидите за шверц на наркотици и други психотропни супстанци.
На 18 јуни на Царинската Испостава на граничниот премин Деве Баир беа запленети 67 пакети со марихуана, со бруто тежина од 71 килограми откриени во патничко моторно возило со германски регистарски таблички, управувано од германски државјанин во специјално направени бункери.
Цариниците запреа неколку обиди за шверц на оружје и муниција. На Табановце е пронајден и запленет сигнален пиштол, додатоци за пиштол и муниција, а на граничниот премин Меџитлија на влез во државата при контрола на возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин, откриена е ловечка пушка без соодветна дозвола за внес во државата.
Царинските службеници од Царинската Испостава Аеродром спречија обид за нелегално изнесување на девизи и запленија 90.000 евра по извршена контрола на патник кој патувал на релација Скопје – Цирих.
На патникот – странски државјанин, кој со себе носел 100 илјади евра и согласно Законот за девизно работење вратени му се 10 илјади евра, а останатите девизи кои не биле пријавени и за кои не поседувал документ се привремено задржани.
И на Меџитлија, на излез од државата, во лична чанта, цариниците откриле 37 илјади евра за кои патникот не поседувал соодветен документ за потекло. Согласно Законот за девизно работење, на патникот и неговата сопруга – сопатник во возилото, вратени им се по 10 илјади евра (износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата), а останатите 27 илјади евра привремено се задржани. Согласно законот за девизно работење и Царинскиот закон поднесено е барање за поведување на прекршочна постапка.
Во лична чанта на друг патник во автобус на линија Гостивар – Истанбул биле пронајдени непријавени 4 пакувања обвиткани со црн најлон и селотејп трака во кои се наоѓале вкупно 100.000 евра. Согласно Законот за девизно работење, на патникот вратени му се 2.000 евра – износ што резидент може да го изнесе без да го пријави, а останатите 98.000 евра се привремено одземени.
Целата анализа на следниот линк