Бугарскиот парламент наскоро треба да ги усвои измените на Законот за бугарско државјанство, откако тие го минаа првичниот филтер, кога во прво читање 180 пратеници гласаа За.
Наскоро се очекува и гласањето по второто читање, по што измените на Законот ќе стапат на сила, а со нив се предвидува регистарот на сите кои добиле бугарско државјанство да биде јавен, а јавна да биде и церемонијата на доделување државјанство.
Во меѓувреме, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вели дека околу 120.000 граѓани на Македонија добиле бугарски пасош, а меѓу нив има многу бивши и актуелни политичари, пратеници, министри и градоначалници.
„Со последната промена, сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои добиле бугарско државјанство во изминатите 22 години врз база на доказ од самите нив на бугарско потекло и декларација за бугарско самоопределување, ќе бидат јавно објавени. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои и многу бивши и актуелни политичари, пратеници, министри, градоначалници, шефови на служби, шефови на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говор на омраза и дискриминација од македонските институции затоа што се чувствуваат Бугари. Тие пак што се ‘принудени’ да се преправаат дека се јавни бугаромрзци само за да го прикријат своето бугарско потекло и самоопределување, веќе нема да имаат причина да го прават тоа“, напиша Ковачев на Фејсбук.