Турција потпиша договор со Светска банка за заем во износ од 895,7 милиони евра, соопшти министерот за финансии и државен трезор Мехмет Шимшек, цитиран од приватната телевизија НТВ, пренесе БТА.
Средствата ќе бидат искористени за задоволување на финансиските потреби на министерствата и локалните власти во однос на инвестициите во обновливите извори на енергија и ефикасноста на водата.
-Ние делуваме како мост за задоволување на финансиските потреби на министерствата и локалните власти во однос на обновливите извори на енергија и ефикасноста на водата. Во таа насока потпишавме договор за заем со Светска банка за вкупно 895,7 милиони евра, изјави тој.
Министерот потсети дека Светска банка најавила дека на Турција ќе и обезбеди финансиски пакет во износ од 35 милијарди долари.
-Со новите договори што ги потпишавме, износот на финансирање од банката веќе достигна приближно 3,2 милијарди долари, додаде тој.
Шимшек прецизираше дека 500 милиони евра од заемот од Светска банка ќе бидат наменети за „Проектот за обновлива енергија во јавниот сектор и општините“ на Министерството за животна средина, урбанистичко планирање и климатски промени и Турската државна развојна и инвестициска банка Илер (İller Bankası или Ilbank). Финансирањето во износ од 395,75 милиони евра ќе биде наменето за проект за зголемување на ефикасноста на водните ресурси што ќе го реализираат Државната дирекција за води и Илер банка.
Министерот потсети дека во среднорочната програма на Владата има посебно поглавје за „зелена трансформација“ и овие проекти се приоритетни во јавните инвестиции. Според него, доколку се реализираат инвестиции во обновливи извори на енергија во рок од три години, наместо да се распределуваат во следните 10 години, ќе се намали дефицитот на тековната сметка и надворешната зависност.
Според министерот, финансиската помош од 35 милијарди долари ветена од Светска банка може да се искористи за нови инвестиции во реалниот сектор, особено за реконструктивни активности во земјотресното подрачје и за зелена трансформација.