Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција за Игор Стефановски – Иџе, трократниот европски шампион во автомобилизам.
– Огромна чест и задоволство ми е што до нас го имаме Европскиот автомобилистички шампион . Неговите резултати не обврзува нас, како Агенција за млади и спорт, а се надевам и целиот негов тим, да стоиме и понатаму зад неговите настапи од причина што Иџе е пример како се сака спортот, како се бранат боите на соспствената земја, како вистински се претставува татковината, истакна директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсовски.
Стефановски на последната трка во Бузет, Хрватска, триумфираше на двете трки со што ја потврди својата доминација во шампионатот за ридско-планински трки, поставувајќи нов рекорд на патеката.
За Стефановски ова е трета титула откако првите две ги освои во 2014-тата и 2015-тата година.
Седум триумфи и три втори места на вкупно десетте трки го обезбедија трофејот за најдобриот автомобилист во Македонија.
– Освојувањето на третиот трофеј ми обезбеди влез во историјата на ридско планински европски натпреварувања, како единствен освојувач на три титули, а за да биде задоволството уште поголемо, рушевме рекорди на осум патеки, истакна Стефановски.
Неговиот менаџер Дане Кузмановски се заблагодари на сите наши македонци кои живеат надвор од нашите граници за нивната поддршка каде и да настапувавме, и истакна дека се ова би било невозможно без поддршката од сите пријатели и секако Агенцијата за млади и спорт како најголем поддржувач на Иџе.