Oд училиштето во кое Коста К. го изврши масакрот се отпишаа 60 ученици

Од почетокот на учебната година од основното училиште „Владислав Рибникар“ каде на почетокот на мај се случи трагедија без преседан во поновата историја на Србија, се отпишале 60 ученици, изјави во петокот српската министерка за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ.

На 3-ти мај, училиштето беше место на масовно убиство кога тринаесетгодишниот ученик К.К. со пиштолот на својот татко на првиот час уби чувар и девет ученици, а тешко рани уште пет соученици и наставник.

„Мораме да разбереме дека децата, чии пријатели, браќа и сестри веќе не постојат, не можат да одат во тоа училиште“, изјави Ѓукиќ Дејановиќ за новинарите во Белград.

Таа изјави дека денес училиштето има повеќе од 1.000 ученици и „целата помош и поддршка од државата“.

Учебната година во Србија почна овој септември со полемики дали по масовното убиство во „Рибникар“ државата ги презела сите мерки децата во училниците да се чувствуваат безбедно и безгрижно, а нивните родители да бидат спокојни.

Од почетокот на учебната година во сите училишта дежураат полицајци, а Министерството за образование на сите училишни управи им испрати упатства за работа, особено во однос на безбедноста на учениците.

Учениците од петто до осмо одделение добија и нова воннаставна активност, а предметот беше наречен „Доблестите и вредностите како животен компас“.

Тринаесетгодишниот ученик-убиец, кој по злосторството сам се пријавил во полиција, се уште е под надзор во специјализирана психијатриска установа, а неговиот татко, чиј пиштол бил употребен за извршување на убиството, е во притвор.

Полицијата го уапсила таткото за тешко кривично дело против општата безбедност, откако било констатирано дека синот го однел на стрелишта на вежбање пукање, а двата пиштоли и муницијата за кои поседувал соодветни дозволи, ги оставил во сеф достапен за неовластени лица.

Во меѓувреме, притворот му беше продолжен, меѓу другото и поради тоа што за кривичното дело за кое се товари е предвидена затворска казна над 10 години.

По убиствата во училиштето, а еден ден подоцна и во две села каде што 21-годишник уби осум претежно млади луѓе, а рани уште 14, започнаа масовните протести „Србија против насилството“, организирани од проевропската опозиција со цел за запирање на поттикнувањето насилство во политиката, јавниот простор и медиумите. Тие собири се претворија во масовен граѓански бунт, на кој се приклучија студенти, синдикати, невладини организации, здруженија и движења, а поддржани од актери и академската заедница на универзитетски професори и научници.

Протестите се уште траат, но веќе не се масовни како во првите месеци.

Треба да знаете
Последни објави