На маргините на 78-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, министерот за надворешни работи Бујар Османи, оствари средба со својот португалски колега, Жоао Гомеш Кравињо.
Министерот Османи се заблагодари за континуираната поддршка од Португалската Република на нашиот европски пат, потврдена и за време на португалското претседателство со ЕУ во првата половина на 2021 година.
„Република Северна Македонија особено го вреднува проактивниот ангажман на официјален Лисабон преку тогашниот таканаречен “португалски” предлог, чии основни принципи и рамки се вградени во сегашниот европски пакет за нашите европски интеграции”, порача Османи.
Нагласувајќи ја потребата од задржување на европскиот моментум во интегративниот процес на земјава, министерот Кравињо истакна дека Португалија ќе ги продолжи заложбите за напредок во процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и ги охрабри сите политички чинители во Северна Македонија да ја трасираат европската иднина на граѓаните со донесување на неопходните уставни измени.
Министрите разговараа и за можностите од продлабочување на економските односи, меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, со посебен фокус на нашето претседавање со ОБСЕ.