Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со новиот министер за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. Средбата се реализира на маргините на 78-то заседание на Генералното собрание на ОН, во Њујорк.
Упатувајќи уште еднаш честитки за новата функција, Османи изрази задоволство од нивото на севкупните односи меѓу двете земји и ја пренесе заложбата за натамошно продлабочување на соработката, согласно Стратегијата за зајакнување на билатералните односи, од 2008 година.
„Покрај редовните средби и дијалог, интерес на двете земји е да продолжи позитивната динамика и во економската соработка. За поздравување е фактот што Турција минатата година беше наш седми најголем трговски партнер со една милијарда долари размена”, нагласи Османи, нагласувајќи ја притоа важноста која во Северна Македонија се придава на присутноста на турските компании и инвестиции.
За време на разговорот стана збор и за регионалната соработката и соработката во рамките на НАТО и ОБСЕ, чиј претседавач оваа година е Северна Македонија, како и актуелните предизвици во регионот на Западен Балкан и последиците од руската воена агресија во Украина.