Здружението на сценаристи на Америка (ВГА) и претставниците на главните студија вчера се состанаа трет ден неделава, додека толпа сценаристи се собраа да протестираат во знак на солидарност и се надеваат дека страните ќе постигнат договор за ставање крај на штрајкот во кој учествуваат десетици илјади луѓе.
Сè уште нема договор. Директорите за компаниите во индустријата за забава, преговарачите на студијата и членовите на преговарачкиот комитет на ВГА синоќа завршија уште еден маратонски ден на преговори, изјавија за Лос Анџелес Тајмс повеќе луѓе блиски до преговорите.
Постигнат е напредок во отстранувањето на некои несогласувања меѓу ВГА и Сојузот на филмски и телевизиски продуценти (АМПТП), кој ги претставува главните холивудски студија во преговорите. Не е јасно кога двете страни би можеле да се вратат на преговарачката маса во седиштето на АМПТП во Шерман Оукс, Калифорнија. Двете страни преговараа за нов договор со кој ќе се стави крај на штрајкот на сцернаристите кој трае повеќе од 140 дена.
И покрај напредокот, сценаристите и студијата ни вчера не постигнаа компромис за најмалку едно или две клучни прашања. Во текот на денот, разговорите се фокусираа на минималниот број сценаристи и објавување податоци за стриминг со цел да се воспостави систем за плаќање врз основа на број на прегледи.
Страните ги почнаа преговорите во средата за првпат од крајот на август. Во знак на подготвеноста на студијата да стават крај на прекинот на работата, на состаноците се приклучија и лидерите на четирите гиганти од филмската индустрија: Боб Игер од Волт Дизни Ко., Дејвид Заслав од Ворнер Брос. Дискавери, Тед Сарандос од Нетфликс и Дона Ленгли од NBC Universal.
Сценаристите низ Лос Анџелес протестираа во близина на седиштето на Волт Дизни Ко. во Бурбенк, пред Парамаунт Пикчрс во Холивуд, Јунивезал Пикрчс во Јунивезал Сити и Фокс Студио во Сенчри Сити.
Холивудските филмски и телевизиски актери организирани под SAG-AFTRA, исто така, штрајкуваа во средината на јули, дополнително поддржувајќи ги сценаристите во критично време во она што стана познато како „жешко работно лето“. SAG-AFTRA и AMPTP не водеа формални преговори од почетокот на штрајкот на актерите.