Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во наредните два дена (25 и 26.09) предводи делегација од МВР во работна посета на Љубљана, Република Словенија, на покана од словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар. Во текот на утрешниот ден министерот Спасовски ќе присуствува на Церемонијата по повод 50 годишнината од систематското регрутирање на полицајци, некогаш наречени милиции. Притоа, двајцата министри ќе остварат тет-а-тет средба, по што следи билатерална средба помеѓу македонската и словенечката делегација.
Во оваа прилика, двајцата министри ќе потпишат Меморандум за обезбедување развојна помош помеѓу МВР на Република Северна Македонија и МВР на Словенија за Одделот за воздухопловни единици. Притоа, министрите ќе дадат изјава на прес-конференција за словенечките медиуми.
Истиот ден, министерот Спасовски ќе го посети конзуларното одделение во амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана, со цел увид во процесот на сликање и издавање на патните исправи, како и делење на пасоши на иселениците.
Во текот на вечерта, министерот Спасовски ќе присуствува на настан под покровителство на амбасадата на РСМ, а по повод одбележување 30. години отворена прва амбасада во светот по независноста и осамостојувањето на нашата држава.
Во текот на следниот ден, министерот Спасовски ќе ја посети словенечката Единица за воздухоловна полиција.