Во 2017 година на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, Христијан Мицкоски станува третиот претседател на партијата.
Без да има силна партиска инфраструктура и откако како носител на советничка листа за Град Скопје губи катастрофално, Мицкоски, според тогашните тврдења со силна поддршка од Никола Груевски добива убедлива доверба од делегатите на Конгресот.
Претходно, Христијан Мицкоски едвај неколку месеци ја извршува функцијата генерален секретар на партијата и тоа е периодот летото 2017 година, кога и официјално ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција и кога јавноста се уште е разбранувана од случувањата од крвавиот четврток.
Првиот пробив во јавноста Мицкоски го има една година претходно кога од страна на Владата е поставен за директор на АД ЕЛЕМ (денешно АД ЕСМ)
Мицкоски својата политичка траекторија ја почнува како советник во кабинетот токму на Груевски.
Интересно е што тој оваа фунцкија ја добива, откако, според некои информации претходниот советник за енергетика на Груевски ненадејно починува, па повторно се отвора таа позиција на која доаѓа Мицкоски.
Тоа се случува во 2015 година и оттогаш Мицкоски се до 2017 година ќе биде советник прво во Владата на Груевски, а потоа и во техничката влада на Емил Димитриев.
За нешто повеќе од две години Мицкоски прави вртоглав пробив, од полуанонимен советник, до претседател на најголемата опозициска партија.
За сето време додека тој ја води ВМРО-ДПМНЕ партија изгуби неколку предвремени локални избори, претседателски и парламентарни избори, но успеа да победи на последните локални избори и на крилјата на таа победа, во ноември 2021 за малку не успеа да создаде ново парламентарно мнозинство.
Имаше Мицкоски и внатрепартиски проблеми, особено со „Мериот“ групата, се раскара со градоначалниците Стевчо Јакимовски и Данела Арсовска, но успеа да се задржи на претседателската позиција во партијата.
Денес е во отворен конфликт со неговиот претходник, и човекот кој му ја довери партијата, Никола Груевски.
На тоа потсети и првиот претседател на партијата Љубчо Георгиевски, кој порача дека Мицкоски на Груевски му го правел она што и Груевски му го правел на Георгиевски.
За потсетување и Груевски, слично како и Мицкоски, беше лансиран од поранешниот лидер Георгиевски со кого веднаш влезе во отворен конфликт, па Георгиевски мораше да формира нов политички субјект.
Дека по стапките на Георгиевски ќе тргне и Груевски, како што сега стојат работите е тешко остварливо, но она што се погласно се зборува во јавноста дека овој дуел во ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе се проширува.