Со голема загриженост ја следиме ситуацијата во Косово, и сме во постојана комуникација и координација со нашите сојузници и стратешки партнери, објави вечерва на социјалните мрежи, премиерот Димитар Ковачевски.
Настаните кои се случија денес, вели тој, силно ги осудувам, и изразувам целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот.
„Во однос на безбедносната состојба во државата, граѓаните може да се спокојни – таа е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања. Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија.
Апелирам за деескалација на настаните во Косово и на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени на мирен и демократски начин. Клучно е забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, тоа е единствениот начин за обезбедување напредок и стабилност во регионот, како и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни. Регионот мора да оди напред, граѓаните заслужуваат просперитет, подобра иднина и подобар животен стандард„ стои во објавата.