Руските сили повторно ја нападнаа Одеса

Русија повторно ја нападна областа Одеса во јужна Украина со 19 беспилотни летала и 14 проектили, соопштија денеска украинските власти додавајќи дека едно лице е повредено, а пристанишната инфраструктура е оштетена.

Москва „го нападна регионот Одеса со дронови и два вида проектили“, информира гувернерот Олег Кипер на Телеграм, наведувајќи неколку напади, вклучително и напад врз пристанишната инфраструктура. „Еден цивил е повреден од експлозија“, додаде тој, прецизирајќи дека лицето е префрлено во болница.

Според украинската армија, Русија во нападот користела 19 дронови Шахед од иранско производство, две суперсонични ракети Оникс и 12 ракети Калибр. Активирана е и подморница, според истиот извор. Сите дронови и 11 проектили Калибр биле соборени од противвоздушната одбрана, но градот претрпел „значителна“ штета. Во еден хотел избувнал пожар кој брзо бил изгаснат.

Во исто време, гувернерот на руската област Курск, Роман Старовоит, соопшти дека украински напад со дрон оштетил административна зграда и неколку приватни домови. Засега нема информации за обемот на нападот и информацијата не може да биде потврдена од независен извор.

Треба да знаете
Последни објави