Стано: Белград и Приштина да се вратат на нормално решавање на проблемите преку дијалог 

Европската Унија е многу јасна дека Белград и Приштина треба да работат на деескалација и на смирување на тензиите и на опасната ситуација во северниот дел на Косово, порача денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи, Питер Стано, додавајќи дека ЕУ строго го осудува вчерашниот „терористички напад“ врз косовската полиција во Бањска.  

– Мора да најдеме излез од постојаната криза и да се вратиме на нормално решавање проблемите преку дијалог. Итно е потребна деескалација, изјави Стано, нагласувајќи дека ЕУ беше сосема јасна за тоа што очекува да направат двете страни кога станува збор за потребата за деескалирање на состојбата. 

Според него, деескалацијата е важна за да се смират тензиите и да може ЕУ да продолжи со напорите за смирување и нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. 

– Позицијата на Европската Унија е јасна. ЕУ е олеснувач во дијалогот на двете страни. Тие и двете сакаат да се приклучат на Европската Унија, а нивниот пат до ЕУ води преку олеснувачкиот дијалог. Очекувањата, модалитетите и однесувањето на ЕУ како олеснувач беа објаснети многу пати и упатени и до Косово и до Србија, како треба да се однесуваат и што треба да направат за остварување на нивната стратешка цел да влезат во Европската Унија еден ден, изјави Стано. 

Oколу можноста за преземање санкции од страна на ЕУ против Србија во врска со вчерашниот напад, како што претходно беа најавени кон Косово, Стано изјави истрагата за нападот се уште е во тек и се работи на утврдување на фактите за тоа што се случило и кога таа ќе биде завршена Унијата ќе заземе конкретен став.

– ЕУ има многу јасна позиција. Мерките што беа преземени против Косово не беа санкции. Нема санкции во терминологијата на ЕУ, нема рамка за санкции и за рестриктивни мерки, туку за мерки за да се деескалира состојбата. Тие мерки се времени и може да се намалат и зголемат во зависно од случувањата на теренот, додаде Стано.

Треба да знаете
Последни објави