Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека победата на Азербејџан во операцијата во Нагорно-Карабах минатата недела отвори можност за нормализирање на ситуацијата во регионот, пренесоа турските медиуми.
Ердоган денеска пристигна во еднодневна работна посета на Автономната Република Нахчиван, азербејџанска ексклава која се наоѓа меѓу Ерменија, Иран и Турција каде се сретна со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев. Претседателите одржаа билатерални разговори и учествуваа на церемонијата за отпочнување на изградбата на гасоводот Угдер-Нахичеван.
На прес-конференцијата по церемонијата на пуштање во употреба на гасоводот, Ердоган рече дека се надева дека Ерменија ќе преземе „искрени чекори“ за да ја искористи можноста за стабилност и мир во регионот.
-Успехот на Азербејџан во операцијата во Нагорно-Карабах ја прави Турција горда, изјави шефот на турската држава, честитајќи и на азербејџанската Армија за нејзината „чувствителност“ кон цивилното население во регионот.
Алиев, пак, изрази уверување дека процесот на реинтеграција на ерменското население во Нагорно-Карабах во азербејџанското општество ќе биде успешен.