Хрватската полиција изврши рација во Либерланд, фиктивна „држава“ на Дунав, кај Бачки Моноштор во Србија и Змајевац во Хрватска, која беше запоседната и прогласена од страна на Чехот Вит Једличка во април 2015 година.
Како што е објавено на официјалната веб-страница на Либерланд, полицијата во четвртокот дошла во придружба на инспектори на хрватските шуми и екипа за уривање која „уништила приватен имот и уапсила неколку Либерланѓани“, јавува денеска Дневник.хр.
Сè, како што велат, се случило без најава или полициско предупредување, а на луѓето кои живеат таму не им било дадено доволно време да ги соберат своите работи, наведува Либерланд. Нема повредени, но е оштетен или запленет имот, пишува хрватскиот портал Дневник.
На страницата е наведен оштетениот или отстранет имот, вклучувајќи две куќи во градина и куќа на плажа, кујна на отворено со повеќе фрижидери и шпорети, генератори и електронска опрема, антена Starlink, велосипеди, храна и други потреби.
Либерланд наведува дека полицијата и вработените во Хрватски шуми се однесувале непрофесионално и ги навредувале луѓето. Побаравме писмено известување или извештај и ни рекоа дека нема и нема да има. Го снимивме и фотографиравме овој инцидент и веќе започнавме правна битка на неколку нивоа“, се посочува на веб-страницата Либерланд.