Николоски фатен во нова лага – тврдеше дека Груевски „збор нема кажано“ за „францускиот предлог“

Во интервју за „360 степени“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски изјави дека во објавите на Никола Груевски немало збор за францускиот предлог до обзнанувањето на тоа што се случува зад сцената од актуелниот претседател на партијата Христијан Мицкоски.

„Некој нека направи анализа, затоа што тој  извади дури и книга од фејсбук-статуси, дали од објавувањето на францускиот предлог до обзнанувањето од наша страна на тоа што се прави зад сцената, има кажано збор за францускиот предлог или за барањето да се промени Уставот. Јас ќе ви кажам – збор нема кажано“, рече Николоски.

Но, ова е флагрантна лага, анализира порталот Фронтлајн, затоа што Груевски за францускиот предлог пишува во свој статус на 25.07.2022 година:

„Не можеме да ја обвиниме ЕУ или Франција за нејзиниот предлог, бидејќи токму владата преку нејзини претставници, пред повеќе месеци официјално побара од ЕУ да го превземе решавањето на проблемот, односно спорот меѓу нејзината земја членка – Бугарија и Македонија како земја претендент за членство. И еве ЕУ се согласи, на барање и во преговори и дијалог со македонската власт даде предлог.  Секако дека луѓето во власта знаеле дека кога ЕУ решава проблем меѓу земја нејзина членка и земја која не е членка на ЕУ, механизмите во ЕУ се такви што неможе да се очекува земјата членка да биде во понеповолна ситуација со тој предлог.“

Веднаш потоа, Груевски ликува и тврди дека аргументите и критиките во јуни и јули 2022 година против предлогот на ЕУ биле „како јас да сум им ги напишал“:

„Колку и да беше задоволство да се слуша во јуни и јули годинава “симфонијата” на аргументи и критики упатени кон власта од страна на стотици мои поранешни критичари и мои политички противници и неистомисленици, а на темата на националните прашања и Бугарија, и сето тоа во светлина на скоро усвоени документи и одлуки; колку и нивните изјави и натписи да личеа како јас да сум им ги напишал; колку и да стана јасно дека сите тие стотици аналитичари, новинари, претставници на НВО, шарени, реформатори, професори, глумци, владици, поранешни македонски амбасадори, историчари, бизнисмени, лекари, режисери и разни други тазе национално разбудени “стручњаци” се чини дека конечно разбраа од што тоа ние до мај 2017 сме се бранеле и со што сме се справувале кога не коректно и не чесно не обвинуваа дека свесно го кочиме патот на Македонија кон ЕУ, сепак овој месец и претходниот беше многу тажно да се гледа борбата, напорите, отпорот, противењето но и немоќта на измамениот македонски народ кон намерите и одлуките на една власт која го има загубено или се има откажано од суверенитетот на земјата и не одлучува самостојно дури и за најважните национални прашања.“

Накусо, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски е фатен во уште една лага кога тврди дека Груевски „збор нема кажано“ за „францускиот предлог“.  Груевски уште во јули 2022 се изјаснил за предлогот на Франција и ЕУ, а постот на Груевски бил споделуван и од партиски активисти и фејсбук страници на ВМРО-ДПМНЕ.

Треба да знаете
Последни објави