Давидовски по подиумот во Монца: Многу го посакував овој пласман

Македонскиот возач Виктор Давидовски ја привршува својата шеста сезона во најсилното европско натпреварување за автомобили на кружни патеки, а токму на легендарната патека Монца успеа да го освои првиот трофеј оваа сезона.

Претходно, Давидовски имаше ситуација да се бори за високи пласмани на трките во Алгарве (Португалија) и По (Франција), но еднаш беше удрен од ривал, а потоа имаше и дефект. Откако имаше голем судир на Хунгароринг (Унгарија), повторно доби шанса на втората трка возена на Пол Рикар (Франција), но и покрај тоа што водеше во трката, автомобилот ги изневери неговите очекувања.

– По многуте викенди со технички проблеми, судири и разни малери, задоволен сум што успеав да го реализирам потенцијалот со освојување на трофејот за третото место во првата трка. За неколку илјадити делови од секундата загубив дури две стартни позиции, откако поголемиот дел од квалификациите ги минав со најдобро време, но клупската политика е таква што податоците за штелувањата се достапни за сите, па тимските колеги можеа да го видат мојот сет ап. Не сакав да преземам многу ризици бидејќи овој подиум во Монца навистина го посакував, па само се грижев да го чувам Коронел зад мене во првата трка, но и тој возеше мудро со оглед на тоа што се бори за шампионската титула. Да се биде во иста секунда со победникот доволно кажува како податок, изјави Давидовски.

Во втората трка Давидовски наместо од четвртото место стартуваше од седмата позиција, но сите возачи беа во една голема група и немаше големи разлики меѓу нив.

– Искрено, очекував повеќе од втората трка, но втората половина возев со вклучен аларм за можен дефект на ладилникот и не бев во ситуација да притискам како во првата. Механичарите ќе имаат работа да проверат дали се е во ред со моторот и дали ќе имам потреба од нов за идната трка.

Следната трка ќе се вози во Барселона.

Треба да знаете
Последни објави