Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово информира дека водата за пиење од градскиот водовод е исправна и безбедна за пиење. Оваа информација ја споделуваат откако до нив стигнаа голем број поплаки и прашања од граѓаните дали водата е исправна поради заматеност.
– Како и повеќе пати досега заматеноста се јавува поради интензивните дождови и тоа што од новиот водоснабдувачки систем водата ја зема од Лешничка река. Тогаш водата се заматува, но исто така постојано сме кажувале дека при појава на заматеност самиот систем го блокира дотокот на вода во градската мрежа. Водата од новиот водоснабдувачки систем е исклучена уште во 6.30 часот во понеделникот односно веднаш по интензивните врнежи во раните утрински часови. Од друга страна водата од стариот водоснабдувачки систем односно од Уливерички извори на Шар Планина е целосно бистра, информира д-р Ратко Давидовски, раководител на одделението.
Во Центарот за јавно здравје уште вчера првичните резултати покажале дека водата е исправна за пиење.
-Уште на пладне вчера беше констатирано дека физичко-хемиски и микробиолошките водата е исправна и безбедна за пиење. Такви резултати очекуваме и по т.н. второ читање затоа што таа насока ја покажуваат параметрите. Воедно е извршено дополнително хлорирање. Како што повеќе пати сме кажале кога ќе се види заматена вода треба да се остави да истече повеќе минути. Воедно да не се плашат граѓаните кога ќе видат условно речено појава на бела боја, тоа не е хлор, туку е појава на воздух во водата, информираше д-р Ратко Давидовски.
Тој потсетува дека откако во употреба е новиот водоснабдувачки систем во подоцнежните есенски периоди ќе се појави и невообичаениот мирис и вкус поради паѓање на вегетацијата во Лешничка река. Искуството покажа од минатите години дека невообичаениот мирис и вкус по неколку дена дека ќе ги снема. Докторот потсетува дека Центарот секојдневно прави контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод.