Во рамките на официјалната посета на Словенија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, оствари средби со претседателот на Словенија, Борут Пахор и со претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан. На заедничката средба Премиерот Заев и Претседателот Пахор ги потврдија одличните билатерални односи меѓу двете земји и традиционалното пријателство и разменија мислења за идните можности за развивање на односите, посебно за интензивирање на економската соработка и на планот на заедничките активности во НАТО, и во процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ. Премиерот Заев изрази голема благодарност до претседателот Пахор за големата и безрезервна поддршка што Словенија и ја пружа на Северна Македонија во процесот за наше пристапување во НАТО и ЕУ.
На средбата со претседателот на Државниот збор на Словенија, премиерот Заев и претседателот Жидан ја нагласија исклучително добрата парламентарна соработка, можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, а се зборуваше и за поддршка и размена на искуства од Словенија во процесот на започнување на преговори на нашата земја со Европската Унија.
Во оваа прилика претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев му се заблагодари на претседателот на Државниот збор, Дејан Жидан за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО и информираше дека веќе 13 земји членки на НАТО го ратификуваа документот со што се отвора шанса Северна Македонија до крајот на годината да го добие статусот полноправна членка на Алијансата.
На средбите беа упатени честитки за степенот на реализацијата на реформските процеси во нашата земја и беше нагласена огромна поддршка од Република Словенија за добивање датум за започнување на преговори за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.