Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот за менторство и градење на капацитетите на Директоратот за НАТО и политичко-безбедносни прашања при Министерството за надворешни работи.
“Со денешното потпишување на Меморандумот дополнително го зацврстуваме нашето сојузништво во рамки на НАТО Алијансата и ја збогатуваме договорната рамка меѓу двете земји. Обединетото Кралство, како наш значаен сојузник и пријател, придонесува за натамошно зајакнување и развој на капацитетите на Министерството за надворешни работи, со цел уште поефикасно остварување на нашата политичка и координативна улога околу разни прашања врзани со членството на Северна Македонија во Алијансата.” – истакна Османи.
„Обединетото Кралство беше постојан партнер во поддршката на интеграцијата на Северна Македонија во НАТО алијансата. Овој проект е уште еден пример за континуираната поддршка на Обединетото Кралство за Северна Македонија како сојузник во НАТО, со цел развој на капацитетите и вештините за да може да продолжи да придонесува и да исполнува позначајна улога како членка на НАТО”, рече амбасадорот Лосон додавајќи дека донациите на Обединетото Кралство под формата на опрема, обезбедување инструктори за обука, упатување советници и учество во заеднички вежби придонесоа за исполнување на заедничката цел – обезбедување мир, стабилност и безбедност во регионот. Воедно, додаде дека овие напори се доказ за заложбите на двете земји за гарантирање на колективната одбрана и безбедност на НАТО Алијансата.
Проектот е предвидено да трае до март 2024 година и преку упатување на резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, проектот треба да придонесе и за целокупната подготвеноста на нашите институции за обезбедување високо ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.