Француска филмска вечер на ИФФК „Браќа Манаки“

Француската амбасада синоќа на ИФФК „Браќа Манаки“ одржа француска филмска вечер, а во пресрет на емитувањето на играниот филм „Анатомија на едно паѓање“, амбасадорот Сирил Бомгартнер, приреди прием во битолскиот Офицерски дом.

Во изјава за МИА, амбасадорот Бомгартнер истакна дека врската со фестивалот е природна бидејќи станува збор за најголемиот филмски фестивал во Северна Македонија кој го носи името на браќата Манаки, податок кој како што рече, нам ни одѕвонува како браќата Лимиер.  

-Ние имаме една цела историја на соработка меѓу француската амбасада, францускиот институт и фестивалот „Браќа Манаки“ и таа врска е природна бидејќи станува збор за најголемиот филмски фестивал во Северна Македонија и го носи името на браќата Манаки, податок кој нам ни одѕвонува како браќата Лимиер. Ние дефакто сме предодредени да работиме заедно затоа што имаме долга историја на соработка. Да потсетам на фестивалот во Битола гостувале најголемите француски ѕвезди како што се Катрин Денев и Жили Димаж. Во историјата на фестивалот се наградувани повеќе познати и големи француски кинематографери, пред се Ањес Годар и Рау Култар, а листата на наградувани е уште поголема и затоа ние сакаме да се впишеме во оваа традиција, и истовремено да иновираме и затоа оваа година приредивме француска вечер со омаж за современото уметничко творештво во Битола, изјави амбасадорот Бомгартнер.

На фестивалската сцена во Битола беше емитуван филмот „Анатомија на едно паѓање“, во режија на Жустин Трие, филм ремек дело кој на фестивалот во Кан ја доби наградата „Златна Палма“, со што на високо ниво беше потврдена соработката во областа на културата меѓу двете држави.

-Соработката во областа на културата датира од поодамна и е почната под знакот на солидарноста. Имено, по страшниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, во големиот бран на солидарност имаше донација на слики од француски сликари со што беше формирана француската колекција во Музејот на современа уметност. Подоцна во Скопје е формиран Францускиот Институт кој денес е една етаблирана институција, насекаде присутна, на некој начин светилник, носител на културната соработка меѓу двете земји. Врската меѓу двете земји е двонасочна, и во таа смисла можам да најавам дека наскоро во Битола ќе отвориме изложба „Париски рефлексии“, најави амбасадорот Бомгартнер.

На приемот во Офицерски дом, присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски, почесните битолски конзули, претставници на јавниот и културниот живот на Битола. 

Треба да знаете
Последни објави